И вечерва нема договор за барањата на СОНK: Синдикатот останува на ставот за штрајк на 11 април

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, по вечерашната средба во Министерството за финансии, изјави дека нема краткорочно решение со кое за 18,4 проценти ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува синдикатот.

-За жал никаков процент, никакви бројки не беа изнесени на маса и морам да кажам дека излегуваме разочарани што нема што да пренесеме во јавноста и до членството. Очигледно, несериозно се сфаќа дека ќе има генерален штрајк на 11 април, кој може да има многу сериозни последици за сите – изјави Неделков по средбата.

Тој посочи дека не се согласуваат со оценките дека ќе бидат предизвикани сериозни последици по Буџетот и дека е можно да има инфлација доколку се зголемат платите на вработените колку што бара СОНК.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пак, порача дека дијалогот продолжува и оти ќе се обидат до 11 април да најдат решение.

– Разговаравме за решение кое ќе значи трајно решавање на проблемот со системот на плати. Легитимно право е на секој да протестира, меѓутоа во делот на детската заштита децата треба да бидат згрижени. И по Устав и по Закон не смее да биде прекинат процесот за згрижување на деца – изјави Тренчевска.

Таа најави казни доколку воспитувачите одбијат да ги примат децата во градинка.

-Треба да си обезбедат замена на сите оние коишто ќе штрајкуваат – појасни Тренчевска.

spot_img

Последни вести