80 години од штрајкот на велешките гимназијалци

Гимназијата „Кочо Рацин“ со поддршка на Општина Велес денеска го одбележа големиот јубилеј, 80 години од штрајкот на велешките гимназијалци. На овој историски датум, 14 март, врежан во колективната меморија на македонскиот народ, особено на велешани, пред 80 години, велешките гимназијалци го кренаа гласот против воведувањето на бугарскиот како мајчин јазик во наставата и против бугарската асимилаторска политика врз македонскиот народ.
Во името на градоначалникот Марко Колев и во името на Советот на Општина Велес се обрати претседателот на Советот, Зоран Љутков.
„Осумдесет години подоцна, наша е одговорноста да продолжиме понатаму. Соочени со ново негирање на македонскиот јазик, овој ден нека ни биде врежан како пример достоен за секоја почит и следбеништво. Да бидеме храбри и непоколебливи, заедно и сплотени да бидеме зачеток на промени за подобро утре. За сите нас!“, истакна Љутков.
Бранејќи го својот јазик и својата национална самобитност, велешките гимназијалци три дена ја бојкотирале наставата, а нивната храбра и пожртвувана акција ја поддржале дел од наставниците и родителите и голем број граѓани на Велес.
На свеченото одбележување на јубилејот денеска пред присутните се обрати единствениот жив сведок на штрајкот на велешките гимназијалци, Никола Стојанов, кој заедно со Благој Кирков, Благој Јанушев, Орце Иванов и Анче Андреев се само дел од учениците, организатори на штрајкот во Гимназијата.
spot_img

Последни вести